Медиасет
Aеродром викендов ќе пулсира во знакот на спортот, забавата и екологијата
Општина Аеродром викендов ќе биде домаќин на повеќе настани на кои ќе можат да уживаат сите генерации.
В сабота, 2 ноември, со почеток од 11 часот во паркот „Авионче“ ќе се одржи традиционалната манифестација „Вкуси ја традицијата“.
Љубителите на добрата храна ќе можат на голем број штандови да дегустираат автентични македонски специјалитети од сите региони и да се запознаат со производителите на храна.
Истиот ден, во 12 часот, во Реонски центар, ФК „Аеродром“ ќе го промовира новиот фудбалски стадион, при што аеродромци ќе имаат можност да уживаат во добра музика, да проследат интересен натпревар меѓу млади фудбалери со познати личности, како и да се фотографираат со нив.
В недела, 3 ноември, Општина Аеродром во рамките на проектот „CleanAirDrom“ во соработка „Еуро-екопак“ организира едукативно-забавен настан под мотото „Селектирај, рециклирај, подобри“ што ќе се одржи во паркот „Авионче“ со почеток од 12 часот.
Свој настап ќе имаат детскиот хор „Поточиња“, „Аква денс клуб“ и популарниот бенд ДНК, чии членови се бренд-амбасадори на проектот.
Посетителите имаат можност да донесат отпадно стакло, како тегли и шишиња, што ќе се преземат за рециклирање, а за тоа како подарок ќе добијат торби за рециклирање.