Многумина што сакаат да ослабат или да го контролираат нивото на шеќер во крвта веруваат дека треба да го избегнуваат овошјето поради природните шеќери што ги содржи. Сепак, нутриционистите истакнуваат дека тоа не е неопходно, бидејќи овошјето содржи и влакна, витамини и корисни растителни соединенија.
За разлика од слатките и засладените пијалаци, целото овошје содржи влакна што ја забавуваат апсорпцијата на шеќерот. Особено значајни се антоцијанините, растителни пигменти што на овошјето му даваат црвена, сина и виолетова боја.
Преглед на 37 клинички испитувања покажал дека зголемениот внес на антоцијанини во период од најмалку осум недели може да придонесе за подобра регулација на шеќерот во крвта, пониски вредности на шеќерот на гладно и по оброк, како и подобра чувствителност на инсулин.
Меѓу овошјата што се издвојуваат по својот состав се боровинките, брусницата, капините и црвеното грозје.
Боровинките се богати со антоцијанини, влакна и витамин Ц, а истражувањата укажуваат дека нивните растителни соединенија може да помогнат во регулирањето на шеќерот во крвта.
Брусницата содржи полифеноли со антиоксидантни својства. Се препорачува да се избираат свежи или незасладени плодови, бидејќи сушените производи често содржат додаден шеќер.
Капините содржат влакна и антоцијанини, а одредени истражувања укажуваат на можни придобивки за метаболичкото здравје и цревната микрофлора.
Црвеното грозје содржи полифеноли, меѓу кои антоцијанини и ресвератрол. Поголем дел од овие соединенија се наоѓаат во кората, па се препорачува да се јаде заедно со плодот.
Нутриционистите нагласуваат дека клучот е во умереноста и разновидната исхрана. Наместо целосно да го исфрлат овошјето, оние што сакаат да ослабат или да го контролираат шеќерот во крвта треба да внимаваат на големината на порциите и да избираат цели плодови наместо овошни сокови, кои содржат помалку влакна.