#ЖИВОТ

Десетици мерки против коронавирусот: Затворање на училишта, ослободување од работа, забрана за собири

Објавено на

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција соопшти дека по препорака на Комисијата за заразни болести, владата прифатила сет на дополнителни мерки за борба против ширењето на коронавирусот.

Ова следува откако вчера беше регистриран првиот случај на локална трансмисија, кога коронавирус беше потврден кај тројца членови на семејството на брачната двојка од Дебарско, која со инфекција дојде од Бреша, северна Италија.

Една од најважните нови мерки е тоа што се прекинува наставата во градинките, основните и средни училишта во наредните 14 дена. Во овие институции вработените ќе се ослободат од обврски, а на еден родител за деца до 10 години наложено е да се овозможи отсуство од работа.

Како дополнителни мерки министерот ги наведе:

– Да се прекине со воспитно – образовниот процес и наставата во сите детски градинки, основни и средни училишта и високо – образовни установи и во јавните научни институти на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 14 дена. Се прекинуваат и сите воншколски или дополнителни програми како што се курсеви за странски јазици и слично.

– За спроведување на оваа мерка еден од родителите на децата до 10 години, што ќе бидат ослободени од обврската да одат во градинките или да ја следат наставата, ќе бидат ослободени и од обврската да ги извршуваат работните обврски.

– Да се забранат масовни собири и настани на отворен и затворен простор, како и сите културни настани и манифестации на територијата на Република Северна Македонија, со над 1000 учесници, во наредните 14 дена. Владата препорачува неодржување на јавни настани на кои се очекува присуство до 1000 учесници.

– Да се забрани присуство на гледачи (публика) на сите спортски настани на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 30 дена.

– Да се воведе задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средно ризичните држави, во период од 14 дена (согласно листата на Светската здравствена организација).

– Да се забрани извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од Република Северна Македонија, освен со посебна дозвола која ја издава Министерство за здравство.

– Да се препорача на возрасните и високоризичните категории на граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз.

– Да се препорача избегнување на патување во земји кои се од висок и среден ризик, согласно листата од Светската здравствена организација.

– Државната изборна комисија да ги ослободи од понатамошно учество во изборниот процес вработените од јавните здравствени установи и да бидат заменети со други лица.

– Физичките и правните лица што не ги почитуваат и кои ги прекршуваа препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

– Да се воведе health locator карта за сите летови и сите авиокомпании, односно образец кој ќе го пополнуваат патниците со податоци за полесно контактирање доколку за тоа се укаже потреба.

– Да се забрани организиран меѓународен автобуски превоз (автобус, комбе, минибус и сл.) кон високо ризичните земји, како и од тие земји кон Република Северна Македонија.

– Да се зајакне присуството волонтерите од Црвениот крст на Република Северна Македонија, во соработка со Министерството за здравство, на сите гранични премини.

– Целосно да се почитуваат мерките за превенција од оваа болест, упатени од Министерството за здравство кои се однесуваат на засилени хигиенски

– Да се упати заклучок и препорака од страна на Владата на Република Северна Македонија до сите органи на државната управа и до едниците на локалната самоуправа за времен прекин од работни обврски (не одење на работно место и да останат во своите домови) за бремените жени и хроничните болни лица.

– Сите јавни претпријатија и приватни компании што вршат јавен превоз на патници да вршат редовна дезинфекција на превозните средства.

– Владата им препорачува на сите владини и државни институции, како и на јавните претпријатија да ги откажат сите патувања или да ги организираат предвидените состаноци преку интернет комуникацијата.

– Се задолжуваат сите владини и државни институции, како и јавните претпријатија да воведат мерки за заштита и за дезинфекција во сите државни институции на влезовите во институциите. Оваа мерка Владата им ја препорачува и на компаниите од реалниот сектор.

Министерот апелира да се седи дома и да нема масовно посетување на игротеки, каков што бил случајот кога имаше епидемија на морбили.

Ова се дел од мерките кои Филипче ги соопшти на прес-конференцијата и рече дека целосната листа ќе биде објавена на интернет-страниците на Министерството за здравство и на Владата.

Филипче посочи дека во земјава стотици лица се изолирани по вчерашната вест за заразената докторка, 64 вработени од клиниката за Кожни болести, 24 пациенти, како и 103 лица кои учествувале на научниот симпозиум. Првата пациентка, 50 годишна жена која допатува од Италија, е веќе целосно излечена од вирусот, а во моментов се тестира 16-годишна девојка со сомнителни симптоми. Резултетите ќе бидат објавени подоцна во текот на денот.

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Трендинг

Exit mobile version