Медиасет
Доларот благо зајакна, цената на нафтата порасна
На девизните пазари благо порасна вредноста на доларот во однос на кошничката на валути.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утрово се движи околу 104,20 поени, додека во петокот навечер изнесуваше 104,08 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од 157,90 на 157,95 јени.
И американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0895 долари, додека во петокот вечерта беше 1,0905 долари.
Цените на нафтата, од друга страна, пораснаа по падот за повеќе од 1 отсто минатата недела. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава зајакна за 0,15 отсто, на 85,15 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 0,23 отсто, на 82,40 долари.
На азиските берзи утрово се тргува претпазливо поради послабиот од очекуваниот раст на кинеската економија и неизвесноста по обидот за атентат врз републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп.
MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, во 07:00 часот беше речиси непроменет во однос на претходниот трговски ден.
Во исто време, цените на акциите во Јужна Кореја и Хонг Конг паднаа меѓу 0,1 и 1,4 отсто, додека во Шангај и Австралија пораснаа меѓу 0,1 и 0,6 отсто. Во Јапонија, пак, денеска нема работа поради празникот.
Азиските инвеститори се претпазливи од бавното закрепнување на кинеската економија.
Утрово беше објавено дека бруто домашниот производ на земјата пораснал за 4,7 отсто на годишно ниво во минатиот квартал, побавно од претходниот квартал и помалку од очекуваните 5,1 отсто.
На слабост на втората по големина светска економија укажуваат податоците за остриот пад на цените на новите станови, како и бавниот раст на продажбата на мало – за 2 отсто на годишно ниво, под очекуваните 3,3 отсто.
Инвеститорите се претпазливи и од политичката неизвесност по неуспешниот обид за атентат врз републиканскиот претседателски кандидат Трамп во саботата.
По тоа пукање, се зголемија шансите Трамп да победи на претседателските избори, како и дека републиканците ќе победат на претстојните конгресни избори.
Тоа поттикна посилен долар и пораст на приносите на државните обврзници бидејќи се очекува победата на Трамп да доведе до економски политики што ќе ја поттикнат инфлацијата и ќе го зголемат националниот долг.
„Ова е реакцијата на пазарот, имајќи предвид дека претходното претседателство на Трамп беше одбележано со зголемување на царините на увозните производи, што ја зајакна инфлацијата, потоа со јакнењето на доларот и растот на приносите на обврзниците. Дополнително, ограничувањата за мигрантите би можеле да доведат до недостиг на работна сила, а со тоа и до зголемување на платите“, објаснува Ронг Рен Гох, менаџер на портфолио во Eastspring инвестиции.