#ТРЕНД
Џеф Безос e првиот човек чие богатство надмина 200 милијарди долари
Шефот на „Амазон“, Џеф Безос, стана првиот човек во историјата чие богатство надмина 200 милијарди долари. Според индексот на „Блумберг“, милијардерот Безос сега е тежок 202 милијарди долари, што го прави побогат за 78 милијарди од вториот на листата, Бил Гејтс.
Богатството на првиот човек на „Амазон“ во најголем дел е поради акциите на компанијата, чија цена во изминатите години е во константен раст, особено во изминатите две години.
Безос стана најбогатиот човек во современата историја уште во 2018 година, кога неговото лично богатство порасна на 150 милијарди долари.
Акциите на „Амазон“ го достигнаа врвот уште во април, со огромната побарувачка на муштериите, а од тогаш нивната вредност продолжи да расте, поради што компанијата доби стотина милијарди долари во пазарна вредност, а инвеститорите оваа година остварија профит од 86% од вложенте пари. Компанијата вчера оствари пазарна вредност од 1,7 билиони долари, со што стана втората највредна американска компанија по „Епл“.
Пандемијата на коронавирусот му помогна во растот на „Амазон“, затоа што потрошувачите биле принудени да се свртат кон онлајн продавниците за набавки, вклучително и маски, дезинфекциски средства, па дури и порачување на секојдневни намирници.