Медиасет
(Фото) ДУИ одбележа 24 години постоење, Ахмети ја пресече роденденската торта
Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчера во Градскиот парк во Скопје го одбележа 24-годишниот јубилеј од своето основање, во присуство на бројни членови, симпатизери и поддржувачи на партијата.На настанот присуствуваа лидерот на ДУИ, Али Ахмети, поранешниот премиер Талат Џафери, поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, поранешниот министер за образование и наука Арбер Адеми и други партиски функционери.Во своето обраќање Ахмети истакна дека ДУИ во изминатите 24 години достоинствено ги претставувала граѓаните и останала најорганизирана и најконсолидирана политичка сила во државата.„Како што беше основана, со јасна мисија и силна визија, ДУИ продолжува да биде автентичен глас на Албанците и на сите граѓани кои веруваат во еднаквост, демократија и интеграција“, порача Ахмети.Тој додаде дека најважните достигнувања на државата се поврзани со ангажманот на ДУИ и изрази уверување дека актуелните предизвици ќе бидат надминати со единство и решителност.Во рамки на прославата беше подготвена и роденденска торта, која ја пресече лидерот на партијата, Али Ахмети. На тортата беа поставени логото на ДУИ и бројот 24, кој ги симболизира годините од формирањето на партијата, а под нив стоеше пораката „години достоинство“.