#ОХРИД
(ФОТО) Охридско лето се отвори со „Големиот Чајковски“
Со гала балетскиот концерт „Големиот Чајковски” на Националната опера и балет отворено 61. издание на „Охридско лето“.
Пред исполнетиот аудиториум на Античкиот театар, Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.
– Автентичната уметност ни ја нуди надежта и како личен и како колективен феномен, нè поттикнува да ја бараме вистината и да ја прегрнеме добрината. Како критичар на сите апарати и системи на моќта, уметноста нѐ охрабрува да не се помируваме со злоупотребите и да не молчиме пред неправдите. Дури и кога е игнорирана или забранувана, уметноста си го пробива патот меѓу луѓето, меѓу народите, јазиците и културите, ширејќи го просторот за свет со почовечки лик, истакна во дел од своето обраќање Претседателот Пендаровски.
Министерката за култура Ирена Стефоска пред присутните потенцираше дека „Ниту Охрид меже без „Охридско лето” ниту „Охридско лето” без Охрид.
„Магијата е взаемна како што е магичен и целиот регион. Доаѓајте со респект во Охрид, Охрид не е забавен парк, Посетете ја питомата Струга, Струга не е само уште еден град. Прошетајте ја Дебрца, Дебрца не е депонија. Искачете ја Галичица и напојте го погледот со убавина, Галичица не е само уште една планина. Охридското Езеро е редок дар, а не базен. Регионот е волшебство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце само на чување и затоа мора да ја сочуваме – не заради УНЕСКО, туку заради оставениот аманет кој е и наша обврска и наша чест, истакна Стефоска.
Охридско лето ќе трае до 20 август. На сцените ќе настапат повеќе од 500 уметници од 18 земји.