Со особено задоволство и гордост можам да ве информирам дека на денешната седница на Советот, успеавме да направивме голем исчекор кон исполнување на една од најзачајните цели, на кои како локална власт бевме исклучително посветени, а тоа е враќањето на финансиската стабилност на Општина Охрид.
Денес донесовме важна одлука со која ќе го финишираме процесот раздолжување на Општината, во согласнот со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.
Со посветена и напорна работа за само две години успеавме да го намалиме деценискиот долг на општината, за повеќе од една милијарда денари.
По денешната одлука за задолжување, започнуваме постапка преку која општината ќе го исплати преостанатиот дел од сумата што е евидентирана како неисплатен долг и од која, врз основа на извршни решенија секојдневно се генерираат нови обврски за подмирување, со астронoмски камати. Со оваа постапка ќе овозможиме одблокирање на сметката на општината, која е блокирана околу 16 години. За сите чекори кои ќе следат во понатамошниот процес, јавноста, како и до сега, ќе биде целосно и навремено информирана.
Изненаден сум, а воедно и разочаран што советниците на опозициската ВМРО ДПМНЕ повторно не покажаа политичка волја, капацитет и желба да бидат дел oд овој историски момент, кој значително ќе придонесе за подобро финансиско менаџирање на општината, ќе овозможи поголем развој на градот и подобри услови за нашите сограѓани.
Советниците кои не гласаа за Предлог одлуката за долгорочно задолжување на општина Охрид во насока на враќање на финансиската стабилност, финиширање на процесот на раздолжување и одблокирање на сметката, покажаа дека се засегнати само за своите лични и политички интереси и дека не им е грижа ниту за градот, ниту за охриѓани!
Покажаа дека не сакаат нови инвестиции во градот, кои локалната самоуправа ќе може да ги финансира самостојно и врз основа на здрав буџет. Покажаа дека не сакаат нови училишта, нови градинки, ниту нови инфраструктурни и капитални проекти кои се од непроценливо значење за развојот на Охрид, како културен и туристички центар.
Со оваа нивна незрела политичка одлука, уште еднаш докажаа дека не свесни за функциите кои им се доверени и дека немаат капацитет да работат во интерес на сите граѓани.
На јавноста и е добро познато дека како градоначалник на Општина Охрид, преку нивните смешни партиски прес конференции, неосновани соопштенија и фејсбук кампањи, преку лаги, лични навреди и говор на омраза, секојдневно ме повикуваат со цел да го нарушат мојот углед и да го уништат имиџот на општината. Во тој контекст, оваа можност ја користам да го кажам следново:
Жал ми е, што ВМРО ДПМНЕ не успеа да излезе од старата матрица за креирање на штетни политики, дека продолжи да тоне во сопствените лаги и остана партија која единствено знае да работи против интересите на граѓаните.
Голема штета е што не сме на исто ниво во мислењата и визиите за идниот развој на Охрид и тоа што не можеме да имаме демократска и достоинствена дебата. Со денешната одлука да не гласаат, тие покажаа дека немаат елементарни познавања за состојбите, немаат капацитет да ги разберат важните предизвици и немаат храброст да изнаоѓаат трајни решенија.
За разлика од нив, јас како градоначалник и советниците на мнозинството во Советот на општината, како и до сега сериозно и посветено продолжуваме да работиме за остварување на зацртаните проекти и да овозможиме подобра иднина за новите генерации во Охрид. Тоа е наше задоволство, обврска и чест! Охрид се сака со дела, а не со празни зборови, пишува во својата ФБ објава градоначалникот Георгиески.