„Драго ми е, што како локална и централна власт целосно ја препознаваме важноста на инфраструктурата како основа за подобрување на условите за живот на граѓаните и тоа што континуирано реализираме инвестиции кои придонесуваат за развој и напредок. Охрид како туристички центар заслужува висококвалитена сообраќајна мрежа, па токму затоа во текот на изминатиот период бевме особено посветени на ова поле и успеавме да реализираме низа проекти со кои значително ја подобривме урбаната слика на градот“, истана градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески на средбата со Премиерот Зоран Заев.
Градоначалникот ги образложи инфраструктурните проекти кои во моментов се изведуваат во Општина Охрид.
„Еден од тие проект е и улицата „15-ти Корпус“, која е комплетно реконструирана по сите најсовремени стандарди и на мое големо задоволство, заедно со премиерот Зоран Заев денеска официјално ја отвараме за користење.
Охриѓани но и нашите редовни гости кои пристигнуваат во Охрид од овој приод кон градот, многу добро се сеќаваат во каква руинирана состојба беше оваа улица. Ценејќи ги вистинските и приоритетните потребни на граѓаните но и на фирмите кои гравитираат во овој дел на градот одлучивме да го реализираме овој голем проект.
Како што знаете, се работи за улица во должина од 1900 метри на потегот од крстосницата со улица „Железничка“ до влезот во село Лескоец, која денес има модерен и уреден изглед и овозможува поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.
Поставен е нов асфалт на коловозната лента, комплетно се уредени пашачките и велосипедските патеки од двете страни на улицата. Извршена е замена на атмосферската канализација, поставена е нова водоводна линија на еден потег на улицата и изградени се три потпорни ѕидови. Поставено е ново осветлување соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација.
Вкупната вредност на овој проект е 58 милиони денари. Од нив 30 милиони денари беа обезбедени од буџетот на Општина Охрид, а 28 милиони денари беа обезбедени од ЈП „Државни патишта“ и оваа можност ја користам да им искажам голема благодарност за целокупната соработка.
Паралелно со реконструкцијата на оваа значајна сообраќајница работевме на уште еден голем и сложен инфраструктурен проект, а тоа е реконструкција на улицата „Абас Емин“ која наскоро ќе биде финиширана и пуштена во употреба. Исто така, во моментот работиме на реконструкција на улицата „Јане Сандански“, а во текот на изминатите две години извршивме комплетна реконструкција на улиците „АСНОМ“, „Егејска“, „Прва Македонска ударна бригада“, „Охридска бригада“, „Марко Цепенков“ и беше изградена нова улица на потегот во поранешната касарна. Во текот на наредниот период планирано е да започнеме со комплетна реконструкција на улиците „Македонски Просветители“ и „Гоце Делчев“, истакна Георгиески и додаде:
Покрај инвестициите во сообраќајната инфраструктура, како локална самоуправа особено сме посветени на подобрување на условите во образованието. Реализиравме и тековно работиме на голем број зафати во сите основни и средни училишта.
Денеска со премиерот, Заев го посетивме Општинскиот електромашински училиштен центар „Свети Наум Охридски“, каде беше изградена нова спортска сала, реконструиран е покривот на училишната зграда, поставена е нова енергетски ефикасна фасада, поставени се нови пвц прозорци, нови подови во сите училишни простории, реконстуирани се таваните и внатрешните ѕидови и поставено е ново осветлување.
Во моментот се изведуваат работни активности за реконструкција на спортските терени, а наскоро треба да започне обнова на подовите во ходничните простории и уредување на просторот пред влезот на училиштето. Благодарение на овие инвестиции значително се подобрени условите за настава, а училиштето стана еден од најдобрите примери за спроведување на дуално образование во нашата држава.
Продолжуваме да инвестираме плански и одговорно, за секој граѓанин да добие подобри услови во своето место на живеење и да креираме проекти кои овозможуваат подобра иднина за сите“, истакна градоначалникот Георгиески.