Денешната консензуална одлука на Комитетот за светско природно и културно наследство на УНЕСКО за Охридскиот регион е вистинска потврда за нашите досегашни заложби, во исполнувањето на дадените препораки, напиша на својот ФБ профил градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
Градоначалникот во објавата додава:
Ова особено се однесува на успешните и сериозни активности кои Општина Охрид ги реализираше во делот на отстранување на бесправните градби, уредување на крајбрежјето и доследното почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство.
За мене оваа одлука е нова енергија и мотив да продолжиме уште посилно во спроведување на решенија, кои ќе значат зачувување на статусот на светско наследство, што веќе 40 години го поседува овој регион.
Во името на граѓаните на Охрид, упатувам благодарност до Комитетот за дадената шанса, со уверување дека ќе ги вложиме сите напори за да покажеме дека знаеме да го чуваме и да грижиме за непроценливото богатство кое го имаме.