#КОРОНАВИРУС

Германски и норвешки научници открија за која крвна група е најопасен коронавирусот

Објавено на

Германски и норвешки научници спровеле студија во која анализирале како инфекцијата од коронавирус напредува во однос на крвната група на пациентите.

„Наодите се зачудувачки, иако студијата беше објавена како т.н. нацрт, односно таа сè уште не ги минала проверките и критиките на научната заедница“, пренесува „Дојче веле“.

Експерти од Универзитетот во Кил и Универзитетската клиника во Осло го проучувале текот на болеста кај 1.610 пациенти кај кои короната предизвикала тешки респираторни проблеми. Пациентите биле од Италија и Шпанија, две европски земји кои беа сериозно погодени од епидемијата. Некои од нив починале.

Споредувајќи ги ДНК-материјалите на овие пациенти со примероци од крв од 2.205 здрави лица, се покажало дека луѓето со крвна група А имаат поголем ризик од потешка форма на заболување.

Инфицираните луѓе со крвна група А имаат двојно поголема веројатност да завршат на респиратор во споредба со заразените со крвна група 0. Групите Б и АБ се некаде помеѓу, се наведува во резултатите од истражувањето.

Групата А е најчеста крвна група во Европа по што следуваат 0 и Б, а најретка е АБ.

Доколку се потврди резултатот од студијата, ваквото сознание може да помогне во развојот на терапија.

Одамна е познато дека разни болести различно влијаат врз луѓето во зависност од нивната крвна група. На пример, пациенти со група 0 ретко заболуваат од маларија, а групата А има најдобар имунитет против чума.

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Трендинг

Exit mobile version