Медиасет
Германски медиуми: Грбавиот кит Тими најверојатно угинал по обидот за спасување
Грбавиот кит Тими, кој со недели ја држеше будна јавноста во Германија откако се насука во плитките води на Балтичкото Море, најверојатно угинал откако бил пренесен и пуштен во отворено море, објавија германски медиуми. Случајот прерасна од спасувачка операција во жестока расправа за тоа дали интервенцијата воопшто смеела да се изведе, со оглед на состојбата на животното и ризиците од транспортот.Локалните власти, според наводите, повеќепати безуспешно се обидувале да го вратат китот кон подлабоки води. По серијата неуспеси, последниот обид бил финансиран приватно од двајца претприемачи, иако дел од стручната јавност изразувала сомнеж дека животното ќе го издржи преместувањето и стресот од долготрајниот транспорт.Една од финансиерките претходно изјавила дека китот „покажувал волја за живот“, но по пуштањето во морето останало нејасно што точно се случило на самото место. Дел од извештаите наведуваат дека не е познато дали Тими сам отпливал или бил исфрлен од пловилото, а на социјалните мрежи се појавија и тврдења дека екипажот сакал што побргу да се „ослободи од проблемот“.Дополнителна контроверзија предизвика тврдењето на ветеринарка која учествувала во дебатите околу состојбата на животното, дека не ѝ било дозволено да присуствува на моментот на пуштање, и дека тоа било направено „прерано и во тајност“. Првичниот план, според достапните информации, бил китот да биде пуштен подалеку на запад, во поотворен дел на Северното Море, но на крајот бил ослободен приближно 70 километри северно од данскиот град Скаген – подрачје со интензивен бродски сообраќај.Морски биолози од германски океанографски музеј оцениле дека Тими најверојатно угинал, наведувајќи дека екстремната исцрпеност и повеќекратните повторни насукувања во краток период сериозно ги намалиле шансите животното да преживее во длабоки води и да плива подолго.Трошоците за операцијата биле проценети на најмалку 1,5 милиони евра, без да се пресметаат ангажманот на бродови и екипажи. Еколошки организации, меѓу кои и „Гринпис“ и „WWF“, претходно се спротивставувале на транспортот на тешко повреденото животно, предупредувајќи дека ваквите интервенции отвораат и пошироки прашања за односот кон морските екосистеми и начинот на реагирање во случаи кога диво животно е во терминална состојба.