Медиасет.мк

#АНИМАВЕТ

Голем помор на риби кај производители на крап на Тиквешко Езеро

Голем помор на риби кај производители на крап, се случува во моментот на Тиквешко Езеро, почнувајќи од вчерашните утрински часови, а се уште трае, алармираат производители на крап. Велат дека во моментов на удар се две од најголемите компании производители на крап во кафезен систем, „Златен крап” и „Дошница”.

– Целото производство од преку 120 тона ни е загрозено. Настојуваме на секаков начин да интервенираме, вклучително и со додавање на вештачки кислород во водата како би ја спречиле оваа катастрофа, но развојот на ситуацијата е се` уште неповолен, велат од „Златен крап”.

Според нив, забележително е катастрофално ниското ниво на акумулацијата во изминатиот период и нејзиното интензивно празнење, кое трае и во моментот.

– Измереното ниво на кислород во водата е спуштено на алармантни 2 mg/L. Ова е за повеќе од половина од вообичаено присутниот кислород (4 до 5 mg/L) во нашите води, а кој е неопходен за опстојување и добра кондиција на рибата, велат засегнатите.

И покрај тоа што позицијата на рибниците е точно над поранешното течение на Црна Река, овој помор, велат, до моментов се случува само во овој дел.

– Досега не е забележан помор на другите рибници, но ризикот секако постои, особено што пред неколку години истиот проблем се појави кај целата акумулација и тогаш беше уништено речиси 60-70 проценти од производството на сите производители. Со случајот се запознати челниците на Владата и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Уште во текот на вчерашниот ден, направен е увид од ветеринарен инспектор, земени се мостри од водата од страна на ИЈЗ Кавадарци, а однесени се мостри од водата и примероци од угината риба во Агенцијата за храна и ветеринарство во Скопје на дополнителни анализи и испитувања. Заедно со овие наоди, случајот ќе биде пријавен и во Министерството за внатрешни работи, информираат засегнатите од поморот на риби на Тиквешко Езеро.

На почеток
error: