Чет-ботот Џемини на „Гугл“ под одредени околности може да ги повреди авторските права на медиумските издавачи доколку презема нивни текстови и ги користи за генерирање одговори до корисниците. Ова е ставот на независниот адвокат при Судот на правдата на Европската Унија, Мациј Шпунар.
Според неговото мислење, правата на издавачите може да бидат повредени кога чет-ботот презема содржина од нивна интернет-страница, повторно ја користи за да создаде одговор и потоа им го доставува на корисниците.
Шпунар појаснил дека авторското право не ги штити самите факти за кои известуваат медиумите, туку конкретниот начин на кој тие се претставени.
Од друга страна, тој оценил дека користењето материјали заштитени со авторски права за обучување на големите јазични модели е правно дозволено, бидејќи спаѓа во исклучокот за рударење текст и податоци.
Мислењето е дадено во рамките на спорот што унгарската компанија „Лајк компани“ го повела против „Гугл“. Ставовите на независните адвокати не се обврзувачки за Судот на правдата на ЕУ, но судот во најголем број случаи ги следи при донесувањето конечни одлуки.