Патниците во авионот на летот за Задар во понеделникот доживеале вистинска драма откако двајца пијани патници физички се пресметале, јавува Дневник.хр.
Во 11:50 часот полицијата од задарскиот аеродром добила дојава дека на лет за Задар имало нарушување на јавниот ред и мир.
Полицијата веднаш отишла на аеродромот, каде го пречекала авионот и привела двајца мажи, државјани на Велика Британија, на возраст од 25 и 20 години.
Во полициските простории им била укажана лекарска помош бидејќи и двајцата се полесно повредени, а со алкотест е утврдено присуство на алкохол во телото.
Утврдено е дека Британците за време на летот вербално се судриле меѓу себе во авионот, а потоа физички се удирале со тупаници, при што двајцата се здобиле со повреди во пределот на лицето и рацете, извести задарската полиција.
Против двајцата е поднесен обвинителен акт до Општинскиот суд во Задар.