Медиасет.мк

#ТРЕНД

Харви Вајнстин поднесе жалба на пресудата за сексуален напад, бара ново судење


Поранешниот холивудски продуцент Харви Вајнстин во понеделникот побара од апелациониот суд во државата Њујорк да ја поништи пресудата за сексуален напад и силување и да одобри ново судење. Во жалбата тој тврди дека судијата направил неколку грешки со кои му била ускратена непристрасна порота.

Вајнстин треба да одлежи повеќе од две децении зад решетки откако беше прогласен за виновен за силување и сексуален напад.

Вајнстин, кој беше обвинет од десетици жени за сексуално злоставување, во март 2020 година беше прогласен за виновен од поротата на судот во Њујорк, откако беше докажан еден случај на силување и еден на сексуално злоставување.

Кривичниот суд во Менхетен го осуди на 23 години затвор за напад врз поранешна асистентка за продукција и силување на млада актерка.

Вајнстин (69) негираше какви било неконсензуални сексуални контакти.

Неговата пресуда се сметаше како пресвртница во движењето #MeToo против сексуални напади  и вознемирување.

Вајнстин сега наведува седум аргументи во обидот да ја поништи пресудата. Меѓу другото, тој вели дека на судењето имало поротник за кој неговите адвокати тврдат дека бил неквалификуван, потоа, дека изречената казна е претерано строга.

Неговите адвокати, исто така, тврдат дека бил прекршен принципот на презумпцијата на невиност кога судијата дозволил поротата да ги сослуша сведочењата од три жени кои тврдат дека Вајнстин ги нападнал иако нивните обвинувања не резултирале со кривична пријава.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.



На почеток
error: