#ТРЕНД

Инфлуенсерката Шијакоска за туморот: Малку недостигаше да паднам во кома

Објавено на


Инфлуенсерката Александра Шијакоска, по операциите, им се посвети на своите следбеници и одговараше на нивните прашања поврзани со тешкиот период низ кој помина. На Шијакоска зимово, во февруари, ѝ открија тумор на главата. Имаше четири операции и по неколку недели поминати во болница, таа пред Велигден се врати дома.

Им се обрати на сите нејзини следбеници на „Инстаграм“, кои ѝ биле огромна поддршка додека закрепнувала и виртуелната љубов и грижата што ги почувствувала, вели не може да ги опише со зборови.

„Немаше да успеам да не знаев дека ме чекаат толку многу луѓе, да се изборам и да се вратам назад“, рече Шијакоска.

Шијакоска раскажа дека мислењата на докторите специјалисти е дека туморот го имала 10 или повеќе години. Симптоми немала никакви сè до моментот кога преживеала сериозна сообраќајна несреќа и кога почнале првите главоболки.

„Главоболките почнаа по сообраќајната незгода. Туморот веќе имаше зафатено голем дел и многу малку недостигаше да се затне протокот на течност од мозокот во телото и да паднам во кома. Тоа можеше да се случи за една година, две, десет, а и можеше за ден-два. Тоа никој доктор не можеше да го предвиди. Исто така, не беше јасно и откриено зошто главоболките ми почнаа по сообраќајната несреќа. Не беше обична главоболка за која треба да се напиеш некој лек. Јас би го опишала како внатрешно нервозно чкрипење, траеше две-три минути и најчесто ме болеше кога ќе легнев на перница. Ќе ја сменев положбата на главата и болката престануваше. Или кога ќе ја кренев главата за да земам нешто што стои над мене, имав вртоглавица и морав да седнам или клекнам“, раскажува инфлуенсерката.

Нејзиниот дечко Едмонд, кој ѝ бил најголема поддршка во најтешкиот период, бил иницијатор да оди на преглед, каде што ѝ било многу грубо соопштено дека има тумор. Првин што посакала во тој момент било да замине дома и да ги гушне блиските.

„За семејството и денес ме боли душава. Беа буквално уништени и на сите им се скрати животот. Јас поголем дел од времето бев под анестезија и не гледав ништо додека тие чекаа без да знаат што било за мене. Нема потешко од тоа. Сега би сакала да можев да скријам и од нив. Барем од татко ми. Многу тешко поглавје во мојот живот, кое никогаш нема да го заборавам, ама се надевам дека времето ќе ми помогне да ги излечам сите рани што останаа отворени“, искрена е Шијакоска.

Првата операција била главна и траела 5 и пол часа. По враќањето дома и за време на закрепнувањето, по само 7 дена, мозочната течност ѝ направила притисок и нов проблем. Шијакоска била повторно хоспитализирана.

„Докторот се надеваше и сакаше да му даде втора шанса на мозокот, без да постави внатрешен дрен. Бев хоспитализирана 8 дена и повторно сите снимки и контроли покажуваа дека сè е во ред. Денот кога бев спремна со куферите и ги чекав последните резултати пред заминување, се случи она што најмалку го сакавме. Ме известија дека треба трета операција, што значи поставување внатрешен дрен. Ја закажаа наредниот ден. Ми се сруши светот. По тој оперативен зафат, бев погодена најмногу психички и се откажав од сè. Чувствував и големи физички болки. По само 2 дена, бев пуштена бидејќи психички не можев да издржам ни ден повеќе во болничка соба“, раскажува Шијакоска.

По 14 дена, повторно заминала на операција, четврта по ред. Инфлуенсерката вели дека ѝ било многу тешко да ја прифати и оваа операција.

„Но, кога докторот ми соопшти дека нема да ме задржи и дека наредниот ден ќе бидам дома, психички тоа го поднесов. За сè друго бев исцрпена“, рече Шијакоска.

Операциите Шијакоска се одлучила да ги направи во приватна болница во Грција.

„Првата операција нè чинеше околу 24.000 евра. Другите три нè чинеа дополнителни 15.000 евра. За првата операција аплицирав во Фондот за покривање трошоци. Одобрен и исплатен е помал дел, а за остатокот сè уште сме во исчекување одлука и одговор од Фондот“, рече Шијакоска.

Сега ја очекуваат редовни контроли и промена на начиот на живеење, а поддршка во сето тоа ѝ се најблиските.

„Нема да е лесно, ама штом сум сè уште сум тука, значи има некоја причина поради која останав жива и ќе се трудам да сум најдобрата верзија од себе. Сега сум добро. Благодарение на Господ и на грижата на најблиските. Сестра ми и Едмонд, кои поминуваа недели со мене во болница. Зет ми, кој ми е братот што отсекогаш сум сакала да го имаме, родителите, семејството на Едмонд – сите тие ми го спасија животот. Вечно ќе им се оддолжувам“, раскажа Шијакоска.

Трендинг

Exit mobile version