Остри предупредувања за тоа кој би можел да ја контролира најнапредната вештачка интелигенција доаѓаат од Кина, откако инженер на кинеската компанија „ДипСик“ оцени дека такво сценарио би можело да има драматични последици.
Лиу Шенгју, инженер за системи за машинско учење во „ДипСик“, во објава на блог напиша дека најмоќната вештачка интелигенција треба да биде достапна за сите на отворен и пристапен начин. Тој изрази сомневање дека американските компании „Антропик“ и „ОпенАИ“ би го прифатиле таквиот пристап.
Лиу предупреди дека особено го загрижува можноста „Антропик“ да ја контролира најнапредната вештачка интелигенција или општата вештачка интелигенција (AGI). За да ја нагласи сериозноста на ризикот, тој направи споредба со сценарио во кое Адолф Хитлер и нацистичка Германија први би дошле до технологијата на атомската бомба.
Неговите оценки доаѓаат во период кога и американски директори и истражувачи предупредуваат на брзиот развој на вештачката интелигенција и можноста идните системи да дејствуваат надвор од човечката контрола.
Директорот на „Антропик“, Дарио Амодеи, неодамна повика на забавување на развојот на вештачката интелигенција и на построг надзор. Тој предложи независни проценители да бидат вклучени во водечките компании за вештачка интелигенција, при што нагласи дека тоа не треба да значи жртвување на нивната комерцијална предност.
Во меѓувреме, поранешниот истражувач на „Антропик“, Џејкоб Коксон, си замина од компанијата и ги обвини водечките компании за вештачка интелигенција дека не постапуваат доволно одговорно. Еван Хубингер, водечки стручњак за усогласување на системите за вештачка интелигенција во „Антропик“, изјави дека лично проценува оти ризикот вештачката интелигенција да доведе до исчезнување на човештвото во следната деценија е поголем од 10 отсто.
Лиу, пак, го спореди пристапот на „Антропик“ и „ОпенАI“ со моделите со отворен код што ги развива „ДипСик“. Според него, најнапредната интелигенција не треба да биде концентрирана во рацете на неколку компании, бидејќи пристапот до најмоќните системи би можел да стане клучен за економската и општествената мобилност.
Кинески реакции стигнаа и од други страни. Независна кинеска истражувачка платформа оцени дека предлозите на Амодеи би можеле да бидат обид за стекнување поголема контрола врз правилата во индустријата пред тие целосно да бидат воспоставени.
Кинеското Министерство за надворешни работи, пак, предупреди дека „заплашувањето, конфронтацијата и жестоката конкуренција“ би можеле да ги попречат напорите за здраво глобално управување со вештачката интелигенција. Државниот „Глобал тајмс“ ги опиша предлозите на Амодеи како „тивка Студена војна на вештачката интелигенција“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во меѓувреме ги отфрли повиците за забавување на развојот на вештачката интелигенција, оценувајќи дека ограничувањето на американскиот напредок би можело да ѝ даде предност на Кина.