Американката Рејчел Пауерс ја купила куќата во Калифорнија во која во 1982 година се снимал култниот хорор-филм „Полтергајст“, а потоа одлучила да им овозможи на обожавателите да ја посетат, па дури и да преноќат во неа.
Домот се наоѓа во Сими Вали, во близина на Лос Анџелес, а во 2024 година бил продаден за 1,28 милиони долари. Пауерс, која отсекогаш го сакала филмот, првично барала дом за себе и за своите три ќерки, но купила недвижност со посебно место во филмската историја.
Станува збор за куќата во која во филмот живее семејството Фрилинг, кое се соочува со необјасниви натприродни појави. Филмот во режија на Тоби Хупер стана еден од најпознатите хорори од осумдесеттите години.
Откако забележала дека љубителите на филмот често доаѓаат за да се фотографираат пред куќата, а некои сакаат да ја видат и однатре, Пауерс решила повремено да ја отвора за посетители и гости.
Таа се обидела да ја зачува атмосферата на осумдесеттите години, без домот да го претвори во филмска сценографија. Меѓу деталите што ги привлекуваат гостите се телевизор што при вклучување прикажува телевизиски шум, стари видеокасети и ретроопрема. Посетителите можат да ги препознаат дневната соба, кујната и делови од дворот во кои биле снимени некои од познатите сцени.
Сопственичката раскажува дека некои гости пријавувале необични звуци и светла што треперат, но не тврди дека станува збор за натприродни појави. Според неа, за повеќето такви случувања веројатно постои рационално објаснување.
Во реалноста, куќата е многу попријатна отколку во филмот, со базен, двор и современи услови за престој. Ја посетувал и Оливер Робинс, актерот кој го толкуваше ликот на Роби Фрилинг.
Иако во последно време немало нови преноќувања, интересот за посетите продолжува, особено во периодот околу Ноќта на вештерките. Приказната за куќата е пример за необичен вид туризам, во кој обожавателите патуваат до вистински локации што ги запознале преку филмското платно.