Летување со попуст до 45 отсто: Почнаа раните резервации за летото 2027
Иако зимската сезона е пред почеток, туристичките агенции веќе ги привлекуваат патниците со понуди за летото 2027 година. На Меѓународниот саем за туризам во Нови Сад, Србија, посетителите можат да искористат попусти што достигнуваат и до 45 отсто, како и поповолни услови за плаќање и откажување на патувањата.
Во понудата се вклучени летни аранжмани, хотели, апартмани и организирани тури. Дел од агенциите овозможуваат резервација со почетна уплата од 20 отсто, а остатокот да се доплати подоцна.
Агенцијата „Контики“ нуди попусти до 40 отсто, со можност за дополнително намалување од 10 отсто. Акцијата трае до 29 ноември, а патувањето може бесплатно да се откаже до 15 дена пред поаѓањето.
„Биг блу“ нуди дополнителен попуст до 10 отсто на веќе намалените цени, а дел од аранжманите имаат попусти до 45 отсто. Посебно се издвојуваат семејните хотели во регионот на Анталија, каде што престојот за две деца е бесплатен.
И агенцијата „Одеон“ има понуди за летни и зимски патувања. Попустите се движат од пет до 10 отсто, зависно од дестинацијата и видот на аранжманот, а опфаќаат патувања со авион, велнес и спа-понуди, сместување во Бугарија, Словенија, Италија и Австрија, како и аранжмани за Кипар и Тунис.
Саемот во Нови Сад трае до 28 ноември, а влезот е бесплатен. Посетителите можат да учествуваат и во наградна игра со 62 подароци, подготвени во соработка со изложувачите. Извлекувањето е најавено за последниот ден на манифестацијата.
Пријател на Саемот е Градот Источно Сараево, чија туристичка понуда, заедно со понудата на општините во регионот, се претставува пред посетителите од Србија.