По повеќе од 24 часа прекини и отежнато функционирање, Мајкрософт ги отстрани проблемите со платформата Microsoft 365, кои предизвикаа сериозни тешкотии за компании и државни институции ширум светот.
Проблемите започнале на 12 ноември, околу 17:17 часот, по средноевропско време, кога дошло до прекин на услугата Exchange Online. Нешто повеќе од два часа подоцна, дефектот се проширил и на останатите услуги од платформата Microsoft 365.
Првично, Мајкрософт се сомневал дека проблемите ги предизвикал невообичаено голем интернет-сообраќај. Но, дополнителната истрага покажала дека неколку серверски системи неочекувано престанале да работат, поради што преостанатите сервери не можеле да го преземат зголеменото оптоварување.
Обидите за повторно активирање на серверите не дале резултат, бидејќи тие повторно престанувале да одговараат по враќањето на сообраќајот. На крајот било утврдено дека проблемот е поврзан со претходна надградба на мрежните капацитети, која била активирана со последователна промена во мрежната инфраструктура.
Инженерите примениле поправка на компонентата задолжена за автентикација и насочување на сообраќајот. Услугите потоа постепено биле обновувани, паралелно со обработката на заостанатите електронски пораки.
Од компанијата нагласиле дека нема докази за злонамерни активности и дека вештачката интелигенција не била причина за дефектот.
Прекинот ги погодил Outlook и Exchange Online, календарите во Teams, закажувањето состаноци, Copilot, SharePoint и Intune. Дел од функциите продолжиле да работат и во текот на проблемите.
Последиците се почувствувале и надвор од технолошкиот сектор. Британската Национална здравствена служба (NHS) морала да користи алтернативни системи, додека индиските авиокомпании „Ер Индија“, „Индиго“ и „Акаса ер“ пријавиле проблеми со поддршката преку електронска пошта.
Прекините ги погодиле и финансиските институции. Една компанија од Тајван дури морала да користи факс за потврдување берзански трансакции.
Според податоците на платформата Downdetector, ширум светот биле регистрирани повеќе од 7,4 милиони пријави за проблеми. Сепак, оваа бројка не го претставува вкупниот број поединечни корисници погодени од прекинот.