Медиасет
Македонија на листата на земји каде може да се „купи“ државјанство со инвестиција
Порталот „International Living“ објави анализа за земјите во светот каде странци можат да добијат државјанство, односно пасош, преку инвестиција, а на листата се споменува и Македонија.Станува збор за таканаречени програми „државјанство преку инвестиција“ (Citizenship by Investment – CBI), кои им овозможуваат на странски државјани да станат граѓани на одредена земја доколку инвестираат средства или донираат во економијата на таа држава.Според анализата, интересот за вакви програми значително се зголемил во последните години, особено кај богатите поединци кои бараат „план Б“ – можност за слободно патување, преселување или заштита од политички и економски ризици.Авторите објаснуваат дека за да се добие пасош од друга држава, најпрво мора да се стекне државјанство. Иако повеќето држави не ја поддржуваат продажбата на државјанство, одредени земји сепак нудат вакви програми како начин за привлекување инвестиции.Првата ваква програма била воведена во 1984 година во карипската држава Сент Китс и Невис, по што слични шеми почнале да применуваат и други земји, главно како начин за обезбедување приходи без зголемување на даноците.Денес, пазарот на „пасоши преку инвестиција“ е глобална индустрија вредна милијарди долари, а најчести причини за интерес се поголема слобода на патување, безбедност и можност за диверзификација на имотот.Во анализата се наведува дека овие програми обично бараат инвестиција во недвижности, бизнис или директна донација во државен фонд, а повеќето земји спроведуваат строги проверки за потеклото на средствата на апликантите.