Медиасет
Маск попушти под притисок: конечно можете да му забраните на Grok да „учи“ од вашите фотографии
Платформата X (поранешен Twitter) воведе нова поставка со која корисниците можат експлицитно да спречат нивните фотографии и видеа да се користат за обука или модификација од страна на AI-четботот Grok. Промената доаѓа по бран критики за приватност и по контроверзии околу создавање фотореалистични, но често проблематични визуелни содржини базирани на кориснички податоци.Иако мерката на прв поглед изгледа како победа за корисниците, аналитичарите предупредуваат дека решението има важни ограничувања. Клучната забелешка е дека станува збор за „opt-out“ пристап — дозволата е автоматски активирана, а корисникот мора сам да ја исклучи ако не сака неговите фотографии да бидат користени за „учење“. Дополнително, останува нејасно дали забраната важи и за постарите објави што можеби веќе биле индексирани и искористени во претходниот период.Практичниот проблем за дел од корисниците е и тоа што поставката најлесно се наоѓа преку десктоп верзијата, додека мобилните апликации на одредени системи може да доцнат со целосно ажурирање и појасно прикажување на новите контроли.За оние што сакаат веднаш да ја проверат и исклучат опцијата, патеката низ менито е јасно дефинирана: во „Settings and privacy“, потоа „Privacy and safety“, па „Grok“. Таму треба да се отштиклира полето што дозволува користење на вашите податоци и медиуми за обука на AI-моделот.Потегот се случува во време кога регулаторите во Европската Унија сè поостро пристапуваат кон големите технолошки компании поради начинот на кој се прибираат и се користат податоци за развој на вештачка интелигенција без јасен, информиран пристанок од корисниците.