#ТРЕНД
Меган и Хари потпишаа договор со Нетфликс
Британскиот принц Хари и неговата американска сопруга Меган Маркл потпишаа повеќегодишен договор со Нетфликс за производство на разни програми, соопшти денеска компанијата.
Двојката, која се пресели во Калифорнија со својот син откако се откажаа од кралските должности во Велика Британија, ќе снима документарни филмови, документарни серии, играни филмови и програми за деца.
„Нашиот фокус ќе биде создавање содржина што информира, но исто така дава и надеж“, изјави двојката.
„Како нови родители, за нас е важно да создадеме инспиративни семејни програми“, додаваат тие.
Војводата и војвотката од Сасекс се преселија од Канада во Калифорнија во август, откако во јануари објавија дека имаат намера да се повлечат од кралските должности и да работат на обезбедување финансиска независност.
Маркл и Хари изјавија дека сакаат да направат нешто во Калифорнија што има смисла и е важно и имаат намера да почнат со непрофитната организација Арчевел.