Младиот маратонец и хуманист Марко Пејчиновски откри дека ги започнал своите дваесетти години со нова операција, овојпат на рамото, како последица на сообраќајна незгода што ја доживеал во 2024 година.По година и пол, како што наведува, конечно била утврдена точната дијагноза – хронична AC дијастаза во четврт стадиум, односно скинати лигаменти кои ја држат клучната коска на место. Претходно, дијагнозата била дека рамото е само потечено, што, според неговите зборови, довело до дополнително одложување на соодветниот третман.Ова е шеста операција за Пејчиновски, кој во јавноста е познат по своите хуманитарни подвизи и пливачки маратони. Во својата објава тој искрено проговори за личната борба и за моментите на сомнеж.„Зошто мене? До кога ќе треба да се мачам?“, прашува Пејчиновски, додавајќи дека сепак сфатил дека додека тој е оној што се соочува со болката, а не некој негов близок, треба да биде благодарен. „Сè додека има нов ден за да се борам, треба да сум среќен“, наведува тој.Пејчиновски порачува дека верува оти најтешките битки им се даваат на најсилните борци, истакнувајќи дека животната приказна не може да биде целосна без болка, препреки и искушенија. Пред него, како што вели, следува тежок период, но тоа е пат по кој веќе многупати чекорел.„Господе, нека биде волјата Твоја“, завршува младиот спортист, испраќајќи порака на истрајност, вера и надеж, карактеристична за неговите досегашни животни и спортски предизвици.
