Општина Охрид во соработка со Министерството за транспорт и врски наскоро започнува со реализација на уште еден важен инфраструктурен проект. Се работи за реконструкција на улицата „Македонски Просветители“ на потегот од крстосницата со булевар „Туристичка“ до кружниот тек на плоштадот.
За таа цел градоначалникот Константин Георгиески и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска потпишаа Договор за имплементација на проектот за реконструкција на улицата. Оваа инвестиција ќе се реализира како дел од „Проектот за поврзување на локални патишта” со финансиска поддршка од Светска банка.
Се работи за модерно сообраќајно решение кое предвидува две одвоени коловозни ленти со тротоари од двете страни, велосипедскa патекa, нова атмосферска канaлизација и ново улично осветлување. До сега покажавме дека ги препознаваме вистинските потреби на граѓаните. Сериозно сме посветени на важни проекти во инфраструктурата и во текот на наредниот период интензивно продолжуваме да работиме за подобување на условите за безбеден сообраќај, рече градоначалникот Георгиески.
Тој најави дека Општина Охрид, наскоро ќе започне со реконструкција на улиците „Прилепска“, „Будва“ и „Прва Македонска Ударна Бригада“ делница 2. Исто така, во текот на наредниот период се очекува да започне и реконструкцијата на улицата „Гоце Делчев“ која ќе се реализира преку програмата на ТАВ за поддршка на инфраструктурни проекти и со средства од буџетот на Општина Охрид.