Повеќе од 20 филмски фестивали ширум светот се здружија за да емитуваат филмови бесплатно на Јутјуб, откако пандемијата на коронавирус ги затвори киносалите и предизвика откажување на традиционалните годишни фестивали во Кан и Њујорк.
Десетдневниот стриминг-настан, насловен „Ние сме едно: Глобален филмски фестивал“, ќе има содржина курирана од филмските фестивали во Берлин, Кан, Венеција, Санденс, Торонто и Трибека, и ќе почне на 29 мај, соопштија организаторите „Трибека Ентерпрајс“ и „ЈуТјуб“ во понеделникот.
На фестивалот ќе бидат прикажани филмови, документарци, музика, комедија и разговори. Не се објавени детали за програмата и малку е веројатно дека ќе бидат вклучени главните нови филмови што обично имаат премиерно прикажување на филмските фестивали.