Медиасет
НАТО се распоредува на Гренланд, Трамп не се откажува од сопствената желба да го има островот
Европските престолнини влегоа во фаза на дискретна мобилизација откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно навести дека не ја исклучува употребата на воена сила за преземање на Гренланд. Според пишувањата на „Политико“ (Politico), во Брисел, Париз и Берлин веќе се водат неформални консултации за тоа како да се реагира доколку Вашингтон тргне во отворена конфронтација со Данска – членка на НАТО и на Европската Унија.Иако никој во Европа не верува дека утре ќе избие директна војна меѓу сојузниците, дипломати признаваат дека сценариото повеќе не се третира како научна фантастика. На маса се ставени мерки што до вчера се сметаа за незамисливи: ограничување на пристапот на САД до европските воени бази, преиспитување на разузнавачката соработка и намалување на купувањето американско оружје.Европски претставници приватно поставуваат едноставно прашање – зошто Соединетите Држави би продолжиле да уживаат целосна воена и логистичка поддршка на континентот ако се обидат да одземат суверена територија на сојузничка држава. Американските бази во Европа се клучни за операциите во Африка и на Блискиот Исток, што на Брисел му дава значајна преговарачка моќ.Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека какво било загрозување на европскиот суверенитет ќе има последици без преседан и најави целосна солидарност со Данска. Во исто време, Копенхаген и властите во Гренланд водат разговори со администрацијата на Трамп, но данскиот министер за надворешни работи призна дека постои длабоко и фундаментално несогласување, бидејќи американскиот претседател отворено ја повторил желбата САД да го преземат островот.Дел од дипломатите сметаат дека кризата веќе нанела тешка штета на НАТО и дека довербата меѓу двете страни на Атлантикот е сериозно разнишана. Сепак, многумина стравуваат дека радикалните мерки би можеле да доведат до целосен распад на трансатлантското партнерство, во момент кога Европа зависи од американската поддршка за безбедносните гаранции за Украина и за одвраќање на Русија.Еден висок европски функционер мрачно заклучува: трансатлантските односи влегуваат во нова ера и стариот модел на безусловно сојузништво веќе не постои. Европа, сакала или не, ќе мора да научи да се брани сама.