Медиасет

„Нова надеж“ – мултимедијален настан на „Терапија“ на Спомен-костурницата во Велес

Објавено на

На 11 Октомври – Денот на македонското востание, музичката платформа „Терапија“ организира мултимедијален настан на Спомен – костурницата во Велес. Имено, станува збор за јавен објект кој е дел од домашното културно наследство. Честопати нарекувана и како „Герника на Македонија“, оваа Спомен – костурница е изградена во знак на сеќавање на партизаните кои се бореле за слобода на Велес и за слобода на Македонија, во периодот на Народноослободителната борба (НОБ).

Токму во петок, од 18:00 часот, ова спомен – обележје ќе добие дополнителна вредност, а новите генерации ќе можат да посведочат на музички и визуелен перформанс налик настаните во Европа и светот.

Мултимедијалниот настан „Нова надеж“ ќе го модерираат нашите реномирани актери Тони Михајловски и Камка Тоциновски. Свое учество во музичкиот дел ќе земе и единствениот Игор Џамбазов придружуван од Харе, кои ќе изведат неколку култни македонски песни кои имаат оставено траен белег на домашната културна сцена.

Во последниот дел од настанот прилагодени DJ сетови ќе имаат и нашите артисти Ивана Драгшиќ и Александар Гроздановски – HERZEL.

„Терапија“ ги поканува сите граѓани да бидат дел од овој уникатен настан и од одбележувањето на 11 Октомври – Денот на македонското востание.

Мултимедијалниот настан „Нова надеж“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, Конзулат на Република Србија во Куманово (почесен конзул), СКОПСКО, ABSOLUT и BWI.

„Терапија“ веќе неколку години креира и одржува настани од мултимедијален карактер на јавни објекти кои се дел од домашното културно наследство. Основната цел е да се даде „нов живот“ на овие обележја, да се афирмира културното наследство меѓу новите генерации и да се промовираат домашните артисти.

Трендинг

Exit mobile version