Олимпискиот факел, беше запален на 16 април во Грција, а потоа на 27 април замина со бродот Белем, денеска ќе пристигне во Марсеј, каде ќе остане цел ден, пред да ја продолжи обиколката низ француските градови, објавија денеска локалните медиуми.
Пламенот ќе пристигне околу 11:00 часот во пристаништето во Марсеј, каде во текот на денот ќе биде организирана парада на вода со повеќе од 1.000 бродови и чамци, која никогаш досега не била организирана во тој град, пишува весникот Le Point, и додава дека познатиот брод Белем конечно ќе влезе во 19:00 часот до Старото пристаниште Марсеј.
Гледачите ќе можат да присуствуваат на настап на француската патрола, кој ќе трае десет минути. Во тој момент, факелот ќе го преземе пливачот Флорант Манаду и ќе биде негов прв носител во Франција.
Во текот на вечерта, оригиналната музика на Игрите ќе биде претставена и изведена од Националниот оркестар на Марсеј во Палацо ди Фаро. Околу 6.000 полицајци ќе бидат мобилизирани низ градот за да се обезбеди безбедност.
Околу 150.000 луѓе се очекува да присуствуваат на пристигнувањето на пламенот кој потоа ќе продолжи кон Тулон. Пристигнувањето во Париз е планирано за 14 јули.
Пристигнувањето на пламенот околу 19 часот во Старото пристаниште во Марсеј, историски споменик изграден од грчки морнари пред 2.600 години, ќе биде во присуство на претседателот Емануел Макрон.
Олимпискиот оган пристигнува на величествениот брод Белем од 1896 година, годината на првите Олимписки игри (ОИ) на модерните времиња.
Денот ќе заврши со концерт на локалните рапери Сопрано и Алонзо.
Француската јавна телевизија Франс 2 (Франција) од рано наутро во живо ќе ги пренесува настаните во Марсеј.
Олимписките игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август, а Параолимписките игри, исто така во главниот град на Франција, од 28 до 8 септември.
Париз претходно беше домаќин на Летните олимписки игри двапати, во 1900 и 1924 година.