Ова се најлуксузните ледени хотели во Европа: Едно ноќевање чини колку половина зимски одмор
Додека повеќето хотели се натпреваруваат во тоа на гостите да им обезбедат што поголема удобност и топлина, некои европски сместувачки комплекси нудат сосема поинакво искуство – ноќевање во соби изградени од снег и мраз, на температури под нулата.
Од Норвешка и Шведска до Финска, Швајцарија и Австрија, ледените хотели привлекуваат сè поголем број туристи. Секоја зима повторно се градат, со ледени скулптури, замрзнати барови и необични соби, а цените за ноќевање започнуваат од 143 евра.
Меѓу најпознатите е хотелот „Sorrisniva Igloo“ во Алта, Норвешка, кој се наоѓа на околу 20 километри од центарот на градот. Се простира на 2.500 квадратни метри, а за неговата изградба се користат околу 250 тони мраз и повеќе од 7.000 кубни метри снег. Секоја година се гради одново и важи за најсеверниот хотел од ваков вид во светот.
Во финскиот град Рованиеми се наоѓа „Arctic SnowHotel“, кој нуди сместување во ледени соби и во 15 иглоа. Гостите можат да избираат и меѓу необични содржини како леден ресторан, бар, капела и снежни сауни. Посебна погодност е можноста појадокот да им биде послужен директно во иглото.
Нешто поинакво нуди „Snowhotel 365“ во Киркенес, Норвешка – хотел изграден од снег и мраз кој работи во текот на целата година. Собите се рачно изработени, а гостите можат да уживаат во набљудување на поларната светлина, возење со кучиња и сафари за лов на кралски ракови.
Во Шведска Лапонија се наоѓа „ICEHOTEL“, отворен во 1989 година и познат како најголем леден хотел во светот. За неговата изградба секоја година се користат околу 550 тони мраз, а гостите можат да избираат меѓу ладни соби од мраз и загреани соби со вообичаени услови за престој.
„Hunderfossen Snow Hotel“ во норвешки Лилехамер нуди апартмани за две, четири или шест лица, а пакетите вклучуваат вечера, појадок, активности во Зимскиот парк и пијалак во ледениот бар.
Во швајцарски Цермат се наоѓа „Iglu-Dorf“, дел од мрежа на пет игло-населби во Алпите. Температурата во собите се движи од минус два до плус два степени, а гостите добиваат специјални вреќи за спиење и изолирани подлоги.
Финскиот „SnowVillage“ во Лаинио, во општината Китиље, секоја година се гради одново. За комплексот се користат повеќе од 20 милиони килограми снег и околу 300.000 килограми природен мраз. Во Австрија, пак, „Schneedorf Igloo Village“ се наоѓа на 2.000 метри надморска височина во Тирол, каде што уметници ги украсуваат иглоата со снежни скулптури.