Почина Паоло Булгари, славниот италијански дизајнер на накит
На 89-годишна возраст во Рим почина Паоло Булгари, поранешниот претседател на италијанската модна куќа за накит „Булгари“, кој имаше значајна улога во нејзиното меѓународно проширување.
Како внук на основачот на брендот, Сотирио Булгари, кој бил Влав од Грција, Паоло уште во младоста се приклучил на семејниот бизнис како дизајнер на накит. Во 1984 година ја презел функцијата претседател на компанијата.
Во 2011 година семејството го продаде контролниот удел во брендот на француската групација за луксузни производи ЛВМХ. Неговиот внук Франческо Трапани, кој три децении раководеше со компанијата како главен извршен директор, почина во септември 2025 година. Од јули 2026 година, на чело на „Булгари“ е Лаура Бурдезе.
Паоло Булгари и неговото семејство се најдоа на 70. место на годинашната листа на „ФешнЈунајтед“ со 100-те најбогати луѓе во модната индустрија.
Покрај деловната кариера, Булгари беше посветен и на филантропска работа. Во 2019 година ја основа фондацијата „Паоло Булгари“, насочена кон поддршка на децата и младите, особено преку справување со образовната сиромаштија и помагање на училиштата во посиромашните делови на Рим.
Фондацијата од самиот почеток работи во источниот дел на градот преку образовниот проект „Креско“ и алијансата „Торнасоле“. Во февруари 2023 година беше впишана во италијанскиот национален регистар како филантропски субјект.
Неговото семејство го опиша како извонредна личност со длабока хуманост и претприемачки талент, која ја сакала Италија и ја претставувала во светот.