Медиасет
Проблеми со Gmail: Корисниците преплавени со спам во главното сандаче
Корисниците на Gmail во изминатите денови се соочуваат со сериозни проблеми во функционирањето на сервисот, откако нивните електронски сандачиња беа преплавени со несакани и промотивни пораки кои вообичаено автоматски се филтрираат.Проблемот стана забележлив за време на викендот, кога корисници од различни делови на светот почнаа да пријавуваат дека спам-пораките и сомнителните реклами пристигнуваат директно во главното сандаче, наместо во предвидените папки. Наместо ефикасно филтрирање, системот ги испорачува пораките таму каде што им е најмалку местото.Дополнителна загриженост предизвика предупредувањето што се појавува кај голем број пораки, со кое се наведува дека Gmail не ја скенирал содржината за спам, непроверени испраќачи или штетен софтвер. Ова укажува дека проблемот не е само во сортирањето, туку и во безбедносните механизми на сервисот.Од Google потврдија дека се запознаени со ситуацијата и дека инженерските тимови активно работат на нејзино надминување. Од компанијата апелираат корисниците да бидат дополнително внимателни при отворање пораки од непознати испраќачи додека системот целосно не се стабилизира.Покрај проблемите со филтрирањето, забележани се и доцнења во испораката на електронска пошта, што особено ги погодува корисниците кои очекуваат безбедносни кодови за двофакторска автентикација при најавување на други дигитални сервиси.