Медиасет

Проверувајте го притисокот во гумите почесто во зима: Мал пад може да значи голем ризик

Објавено на

Соодветниот притисок во гумите е клучен за безбедноста на автомобилот, но и за долговечноста на самите гуми. Во зимски услови притисокот знае да опадне, па неопходно е да се проверува почесто од вообичаено. Неправилниот притисок директно влијае врз трајноста на гумите и може да создаде сериозни опасности при возење.Пропишаниот притисок варира од возило до возило и зависи од видот на гумите, масата на автомобилот и неговото оптоварување. Препорачаните вредности најчесто се наведени на столбот меѓу предната и задната врата од страната на возачот или на внатрешната страна од капачето на резервоарот за гориво. Доколку ги нема таму, сигурно се наведени во прирачникот на возилото.Во зависност од тоа колку често возите, староста и состојбата на гумите, надворешната температура и други фактори, притисокот во гумите не е константен. Во зима, притисокот паѓа приближно за 0,1 бар на секои 10 Целзиусови степени пониска температура, што значи дека контролата треба да биде почеста – на пример, секој вторпат кога точите гориво.Проверката и дополнувањето на воздухот се едноставни постапки. Повеќето бензински пумпи располагаат со компресор што може бесплатно да се користи. Возилото треба да се паркира така што сите гуми да бидат лесно достапни. Се одвртува капачето од вентилот, се поставува приклучокот од компресорот цврсто врз вентилот и се проверува вредноста на мерачот. Доколку е потребно, гумата се дополнува постепено, а потоа капачето повторно се завртува. Истата постапка се повторува кај сите гуми.Ако гумата е препумпана, воздухот може внимателно да се испушти со благо притискање на малата игличка во средината на вентилот, со постојана проверка на притисокот.Пренизок притисок ја зголемува контактната површина со коловозот, што доведува до поголем отпор и зголемена потрошувачка на гориво. Дополнително, гумата се деформира, стабилноста се намалува, патот на сопирање се продолжува, а во екстремни случаи може да дојде и до пукање при возење, особено во кривини и при поголема брзина.Ниту превисокиот притисок не е безбеден. Тогаш се намалува контактната површина со асфалтот, што може да ја намали потрошувачката, но го зголемува абењето и ризикот од пролизгување, подолг пат на сопирање и појава на аквапланинг.Кај повеќето модели автомобили, гумите вообичаено се напумпани на притисок од 2 до 2,4 бари, но секогаш треба да се следи вредноста што ја препорачува производителот. Таа важи и во лето и во зима, бидејќи не постојат посебни сезонски бројки.Советот е јасен – притисокот во гумите треба да се одржува точно според препораките на производителот, без импровизации, за да се обезбеди максимална безбедност и оптимални перформанси на возилото во текот на целата година.

Трендинг

Exit mobile version