Медиасет
Прва изјава на основачот на Телеграм по апсењето во Париз: „Помогнав во борбата против тероризмот во Франција, создадов „жешка линија““
Основачот на платформата Телеграм, Павел Дуров, денеска во првата изјава по апсењето во Париз рече дека помогнал во борбата против тероризмот во Франција, односно во создавањето „жешка линија“ меѓу апликацијата и Париз.
Дуров ги нарече „неверојатни“ прашањата поставени од француските власти за време на сослушувањето, пренесе РИА Новости.
„Доколку некоја земја е незадоволна од некоја онлајн услуга, досегашната практика е да поднесе тужба против самата услуга. Користењето закони донесени во деновите пред постоењето на паметните телефони за кривично гонење на извршниот директор (на онлајн услуга) за злосторства извршени од трети страни на платформа што тој ја контролира е погрешен пристап“, рече Дуров во пораката објавена на неговиот канал Телеграм.
Дуров беше приведен на аеродромот во Париз Бурж на 24 август и е осомничен за десет кривични дела, вклучително и соучесништво во управувањето со онлајн платформа заради спроведување нелегални трансакции од страна на организирана група, а може да се соочи со казна затвор до 10 години.
Тој беше пуштен од затвор на 28 август со кауција од пет милиони евра, а му е забрането да ја напушта француската територија и мора двапати неделно да се јавува во полиција.
Француските власти издадоа налози за апсење на основачите на Телеграм, браќата Павел и Николај Дуров, на 25 март под обвинение кои вклучуваат соучесништво во поседување, дистрибуција и ставање на располагање на порнографски слики на малолетници.