Авиокомпанијата „Рајанер“ укинува седум авиолинии во регионот на поранешна Југославија за летната сезона во 2027 година. Одлуката ќе ги погоди патниците во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска.
Одлуката доаѓа во период кога компанијата ги намалува капацитетите во своите бази низ Европа, додека истовремено најавува нова линија меѓу германскиот Фридрихсхафен и Задар, која треба да сообраќа двапати неделно, почнувајќи од 3 мај 2027 година.
Во Ниш, „Рајанер“ и претходно најави дека не очекува враќање во текот на летната сезона 2027 година, иако остави можност летовите повторно да бидат воспоставени.
Сега е потврдено дека компанијата нема да се врати, а се укинуваат линиите кон Крф, Малта и Виена, пренесува порталот „Ex Yu Aviation“.
„Рајанер“ минатата недела се повлече од српскиот пазар, наведувајќи ги како причина регулаторните проблеми поврзани со горивото, кои влијаат врз аеродромот во Ниш.
Линијата кон Малта постоеше од ноември 2019 година, првично со два лета неделно во текот на целата година. Линијата кон Виена беше воведена во јули 2021 година, исто така со два лета неделно, додека Крф беше дел од сезонската туристичка понуда на компанијата.
Компанијата повеќе нема да ги поврзува ниту Берлин со Дубровник и Подгорица. „Рајанер“ очекува воздушниот сообраќај во Берлин во текот на 2027 година да биде преполовен, наведувајќи ги високите аеродромски такси и даноци во авиоиндустријата во Германија како причина.
Линијата Дубровник – Берлин беше воведена во април 2024 година, во рамки на проширувањето на работењето на компанијата, кое следуваше по отворањето на нејзината база во овој приморски град. Првично летовите се реализираа двапати неделно.
Линијата Подгорица – Берлин има подолга историја, бидејќи беше воспоставена на 4 септември 2016 година, со два лета неделно до тогашниот берлински аеродром Шенефелд.
Во Хрватска, „Рајанер“ ја укинува и линијата Риека – Шарлроа, која беше обновена во март 2022 година, со два лета неделно.
Во Босна и Херцеговина нема да биде обновена сезонската линија Сараево – Солун. Таа беше воведена на 3 јули 2024 година, со два лета неделно, а нејзиното укинување следува откако „Рајанер“ оваа зима ја затвори својата база со три авиони во Солун.
И покрај укинувањето на оваа линија, компанијата планира проширување на работењето во Сараево во текот на летната сезона, а се очекува наскоро да најави и неколку нови рути од главниот град на Босна и Херцеговина.
Компанијата претходно ја образложи одлуката за намалување на летовите со високите аеродромски такси, најавувајќи и намалување на зимските капацитети на еден од погодените аеродроми за 60 проценти.