Во Словенија во тек е судењето на Јулија Адлешиќ (22), која е обвинета за намерно отсекување на раката за да земе пари од осигурувањето. Грозоморниот настан се случил на 4 јануари 2019 година откако со кружна пила си ја отсекла дланката. Таа негира дека постои измама за да дојде до парите, поточно до 1,1 милион евра.
– Никој никогаш не би посакал да стане инвалид. Некои мислат дека сум осигурена на голема сума, но во странство ваквите високи осигурувања се најнормални – рекла Јулија на рочиштето минатата недела.
Регионот од лани го следи овој случај, а Јулија беше во притвор поради отсечената дланка. Таа тврди дека станува збор за несреќа што се случила додека сечела гранки за огрев со пила.
По неколку денови, побарала исплата на отштетата од осигурувањето со кое претходно склучила договор, но полицијата во Љубљана набрзо открила дека станува збор за измама. Тие се сомневаат дека Јулија намерно си ја отсекла сопствената рака за да ги добие парите.
Во оваа измама наводно ѝ помогнале нејзиното момче Себастијан Абрамов (30) и неговите родители, а против нив се поднесени пријави. Тие на крајот на 2018 година детално ја испланирале измамата и ги поделиле улогите како да ја извршат. Тогаш склучиле полиси за осигурување со пет осигурителни компании во случај на несреќа со големи предвидени отштети и рати. Веднаш ги уплатиле и првите рати на полисата, а на Јулија требало да ѝ се исплатат 1,1 милион евра отштета во случај на инвалидност. Веќе на почетокот на 2019 година, таа останала без дланката.
Сè се случило во дворот на родителите на нејзиното момче, кога Јулија останала без раката. Таткото на Себастијан ѝ укажал прва помош, а потоа повикал брза помош, но тој не им го дал отсечениот дел од раката, туку го оставил на местото на несреќата.
„Подот на кој стоеше масата на која беше пилата, беше нерамен, а масата нестабилна. Пилата не беше прицврстена, а мене ми скокна кучето и така паднав на подот под пилата“, се бранела Јулија, но медицинскиот вештак Матјаж Веселко ја демантирал таа верзија на приказната истекнувајќи дека повредата не би била таква ако ѝ скокнало кучето и дека не се работи за несреќа, пренесува 24сата.хр.
„Повредата на дланката се случила со ставање на раката под пилата под агол од 90 степени, се гледа дека станува збор за рамна исеченица“, појаснил вештакот.
Ѝ ја сошиле раката, но таа намерно ја ставала во фрижидер?
Полицијата го пронашла исечениот екстремитет и подоцна го однеле во болница, каде што докторите успеале да ѝ ја пришијат раката, спасувајќи ја од траен инвалидитет.
Но таа се вратила по неколку дена тврдејќи дека со раката нешто не е во ред. Докторите тврделе дека Јулија раката намерно ја ставала во фрижидер за операцијата да се прикаже како неуспешна, пренесува 24сата.хр.
Ако се утврди дека навистина станува збор за измама поради добивање пари од осигурувањето, обвинителството за Јулија предлага четири и пол години затвор, пет за нејзиното момче Себастијан, четири години за неговата мајка и една за татко му.