Од замокот Бран во Романија, поврзан со легендата за грофот Дракула, до напуштени села и стари градби во кои, според преданијата, се појавуваат духови, Европа крие бројни места со морничава историја. На листата на седумте најопседнати локации се најде и населено место во Хрватска.
На првото место е замокот Бран во Романија, кој се поврзува со приказната за Дракула. Иако писателот Брем Стокер никогаш не ја посетил Романија, замислениот дом на неговиот познат лик го создал врз основа на описите на овој замок. Истражувачи на паранормални појави секоја година го посетуваат, испитувајќи ги тврдењата дека таму се појавуваат духови на сведоци на средновековни злосторства.
Второто место го зазема Триора во Италија, село познато по судењата на вештерки од 1587 до 1589 година. Според локалните приказни, низ неговите улици талкаат духови на починати, меѓу кои и разбојник, жена удавена во поток и привидение на кочија со коњи.
На третото место е англиското село Плакли, кое во Гинисовата книга на рекорди било прогласено за најопседнато село во земјата поради бројните приказни за духови.
Четврто е напуштеното село Очате во Шпанија. Приказните за неговото мистериозно минато станале познати во седумдесеттите години, по објавувањето на напис во списанието „Мундо Десконосида“. Во него биле пренесени сведоштва за забележани неидентификувани летечки објекти, паранормални појави и необични несреќи што наводно го погодувале селото.
Петтото место го зазема средновековното село Рослин во Шкотска, познато по доцноготската капела Рослин. Според преданијата, во неа биле забележани привиденија на монаси, а еден кустос наводно видел монах како се моли пред олтарот во криптата, опкружен со четворица витези.
На шестото место се Шкрињари, мало населено место во Хрватска, меѓу Врбовец и Бјеловар. Таму се наоѓа куќа за која се раскажуваат морничави приказни. Наводно, посетители виделе жена без очи, дух на удавено девојче и други необјасниви појави. Една од најпознатите приказни е за двајца полицајци кои, поради облог, поминале ноќ во куќата. Според легендата, утрото косата им била целосно побелена, а не се сеќавале што се случувало во текот на ноќта.
На последното, седмо место е Тинтерн во Велс, познат по урнатините на истоимената опатија во Монмутшир. Според локалното предание, таму се појавува немирниот дух на војвотката од Монмутшир – млада жена која, наводно, била предадена од сопственото семејство и принудена да си го одземе животот во близина на опатијата.
Седумте најморничави места во Европа:
Бран, Романија
Триора, Италија
Плакли, Англија
Очате, Шпанија
Рослин, Шкотска
Шкрињари, Хрватска
Тинтерн, Велс