Медиасет.мк


Медиасет

„Скопје Прајд“ 2025 ќе се одржи на 21 јуни

Организаторите на манифестацијата „Скопје Прајд“ информираа дека по шести пат ќе маршираат низ улиците на главниот град, за да потсетат зошто борбата за еднаквост и слобода е сѐ уште неопходна. Овогодинешната Парада на гордоста ќе се одржи на 21 јуни, а поаѓањето традиционално ќе започне од паркот „Жена борец“ во центарот на Скопје.

Во своето соопштение, организаторите велат:

„Додека светот гори од војни и климатски колапс, а државата се распаѓа под тежината на сопствената корупција и неспособност, ние – ЛГБТИК+ луѓето – одбиваме да бидеме соучесници во сето тоа. Гласно се спротивставуваме и се оградуваме од: демографската хистерија на властите, укинувањето на ЛГБТИК+ инклузивноста во образованието, недостатокот на институционална грижа што ги остава квир младите без заштита, оркестрираните напади врз транс заедницата кои шират морална паника, страв и омраза, како и одбивањето на Владата да го поддржи правото на самоопределување на палестинскиот народ. Живееме во држава каде што храната е луксуз, достоинствената плата – невозможна утопија, а корупцијата и неказнивоста одземаат животи, како што видовме во трагедијата во Кочани“.

Од „Скопје Прајд“ додаваат дека не ја прифаќаат т.н. асимилациска инклузија во рамките на, како што го нарекуваат, „расистички, патријархален, колонијалистички и екоциден капитализам, претставен како единствен можен свет“, во кој грижата станува луксуз, здравјето привилегија, а слободата – маркетинг-стратегија.

„Инсистираме на нивно отфрлање! На фашизоидните фантазии кои бараат тишина, ние одговараме со бучава. Смрт за фашизмот, слобода за нас – народот! На 21 јуни, ја повикуваме пошироката заедница, пријателите, биолошките и избраните семејства, колегите и соборците да ни се придружат на скопските улици во борбата за колективна слобода““, додаваат тие.

Организаторите воедно информираа дека „Викендот на гордоста Скопје 2025“, кој годинава ќе се одржи по 13-ти пат, не добил поддршка од Министерството за култура. Како што посочуваат, станува збор за манифестација која традиционално се организира секој јуни и вклучува бројни културни и активистички настани.

На почеток
error: