#ОХРИД
Со интонирање на фестивалската химна и огномет, затворено 61-то издание на „Охридско лето“
Со интонирање на фестивалската химна и огномет, како и со театарската претстава „На отворено море“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, а во изведба на Југословенскиот драмски театар од Белград, вчеравечер на Античкиот театар во Охрид беше затворено 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
Директорката на НУ „Охридско лето“, м-р Наташа Поповиќ, истакна дека фестивалот годинава испиша уште една успешна приказна во својата историја и успеа да ја прослави уметноста во време кога се соочуваме со ковид-19.
„Испишавме уште едно успешно фестивалско издание на најголемиот и најзначајниот фестивал во земјава „Охридско лето“. Доказ за тоа се врвните уметници кои настапија, позитивните оценки од стручната критика и задоволството на публиката. Со гордост можам да кажам дека понудивме богати и квалитетни уметнички вечери со врвни уметници. Низ 40-те фестивалски денови, љубителите на уметноста имаа прилика да уживаат на фестивалската сцена од каде по 61-ви пат се славеше врвната уметност. Покрај светските уметници почит и белег дадовме и кон нашите македонски уметници, истакнати поединци и творци од областа на уметноста кои имаат светска слава. Успешно се реализираа и традиционалните вечери кои ги направиме во соработка со Амбасадите. На сцената на Античкиот театар, во предворјето на црквата „Св. Софија”, на Долни Сарај и во Центарот за култура се одржаа преку 40 културни настани“, рече на свеченото затворање директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Актерската екипа на Југословенскиот драмски театар за затворање на годинешното фестивалско издание ја донесе семејната драма со политички конотации, „На отворено море“ од познатиот српски драмски писател и комедиограф Бранислав Нушиќ, режирана од извонредниот режисер Егон Савин.