Софија Вергара објави порака за нарцисоидните мажи на социјалните мрежи, а нејзината објава предизвика реакции откако беше поврзана со неодамнешните тврдења на нејзиниот поранешен сопруг, актерот Џо Манганиело, за нивниот брак.
„Деца, запомнете, кога имате работа со нарцис, не е важно колку се трудите околу него. Секогаш нешто ќе ви замерува, никогаш ништо нема да му биде доволно и постојано ќе се обидува да ве претстави како негативец“, напишала Вергара на Инстаграм.
Објавата, во која се споредуваат „добар маж“ и „нарцис“, најпрво ја споделил нејзиниот 35-годишен син Маноло Гонзалес Вергара, а потоа и самата актерка. Таа ја објавила само неколку дена откако Манганиело изнел сериозни тврдења за нивниот однос за време на неговата борба со тешка автоимуна болест.
Манганиело за распадот на бракот пишува во мемоарите „Bloodlines“, кои треба да бидат објавени на 13 октомври. Во извадок објавен од списанието „Пипл“, актерот тврди дека нивниот однос постепено се заладувал токму во периодот кога се соочувал со сериозни здравствени проблеми.
Според неговите наводи, здравствените тегоби започнале кратко по венчавката во 2015 година. Тој имал силни болки во стомакот, висока температура, осипи, главоболки, хроничен замор и крвавење од завршниот дел на цревата. Поради болеста, како што наведува, изгубил речиси 30 килограми.
Во 2016 година бил подложен на итна операција при која му бил отстранет дел од цревото, а по интервенцијата користел и стомична кеса. Тврди дека вообичаените лекови за Кронова болест и колитис не му помагале, поради што почнал да користи силни лекови против болки, меѓу кои хидрокодон и фентанил, како и марихуана.
Во мемоарите Манганиело изнесува и тврдење дека Вергара одбивала да го прегрне дури и кога ја молел за тоа, додека се обидувал да најде начин да оздрави.
Актерот се осврнал и на изјавите што Вергара ги дала во јануари 2024 година за шпанскиот весник „Ел Паис“. Тогаш таа како една од причините за разделбата го посочила несогласувањето околу децата, наведувајќи дека Манганиело сакал да стане татко, додека таа не сакала повторно да има деца.
Манганиело, пак, тврди дека се обидувале да добијат дете со помош на постапки за потпомогнато оплодување, но без успех. Размислувале и за донација на јајце-клетки, но тој на крајот се откажал од идејата да стане татко поради здравствените проблеми. Како што објаснува, се плашел дека може да почине и да ја остави Вергара сама да се грижи за дете со кое таа нема да биде биолошки поврзана.
Вергара претходно изјави дека не сака повторно да стане мајка во подоцнежните години од животот.
„Мојот брак се распадна затоа што мојот сопруг беше помлад од мене. Тој сакаше деца, а јас не сакав да станам мајка во подоцнежните години“, рекла таа за „Ел Паис“.
Актерката додала дека не смета оти тоа би било праведно кон детето и дека повеќе би сакала да стане баба отколку повторно мајка. Синот Маноло го родила кога имала 19 години.
Вергара и Манганиело објавија дека се разведуваат во јули 2023 година, по седум години брак. Во заедничкото соопштение тогаш наведоа дека донеле тешка одлука и побараа приватност додека започнуваат ново поглавје во животот.
Само два дена подоцна, Манганиело поднел барање за развод, наведувајќи непомирливи разлики. Во судските документи како датум на разделбата бил наведен 2 јули 2023 година.
Манганиело во меѓувреме продолжил со својот љубовен живот и моментално е свршен со 37-годишната актерка Кејтлин О’Конор.