#ЖИВОТ
Телефонот ќе ви алармира кога некој во ваша близина има коронавирус
Технолошките компании „Епл“ и „Гугл“ најавија партнерска соработка за развој на технологија за мобилни телефони која ќе ги предупредува корисниците доколку дојдат во контакт со лице заразено од коронавирус.
Корисниците треба да прифатат вклучување на технологијата во системот, но таа има потенцијал да следи околу една третина од светската популација, пренесува „Блумберг“, повикувајќи се на тоа дека оперативните системи иОС и Андроид ги користат околу три милијарди луѓе.
Технологијата позната како следење на контактите, е дизајнирана со цел да го спречи ширењето на вирусот така што ќе ги известува корисниците дека треба да се изолираат или да одат во карантин по контакт со заразено лице.
„Гугл“ и „Епл“ ќе ја интегрираат оваа технологија во нивните иОС и Андроид уреди во две фази. Кон средината на мај, ќе можат безжично да се споделуваат анонимни информации преку апликациите со кои управуваат службите за јавно здравје.
Ова значи дека доколку корисникот е позитивен на коронавирус и се согласи да ги внесе тие информации во апликација на службите, сите корисници кои биле во контакт со него претходните неколку денови ќе добијат известување за тоа. Временскиот период кој се опфаќа изнесува најмногу 14 дена.
Вториот чекор предвидува овие компании следните месеци да ја внесат оваа технологија во нивните оперативни системи, така што софтверот ќе работи без да се спуштаат дополнителни апликации. Сепак и при овој метод ќе биде потребна согласност од корисниците.
Оваа технологија може да биде прилично контроверзна бидејќи вклучува споделување на деликатни информации за здравјето на повеќе милијарди луѓе, преку мобилни телефони кои постојано ја регистрираат нивната локација, предупредуваат критичарите.