Медиасет.мк

#ФОКУС

Тинејџери создаваат паника во градските автобуси во Задар: „Ќе те излижам за да имаш и ти корона“

Членовите на цивилната заштита на градот Задар во последните две недели се обидуваат да воведат ред меѓу многуте тинејџери што доаѓаат на училиште во Задар. Повеќето не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот – не носат маски, не одржуваат растојание и бидејќи многу пензионери се возат со тие линии, утринските метежи во автобусите станаа вистински жаришта за ширење на вирусот, пишува „Задарски.хр“.

Минатиот понеделник Цивилната заштита на градот Задар добила многу повици од загрижени родители и граѓани предупредувајќи на голем број луѓе на линиите на Либурнија, како и на крајно грубото однесување на некои тинејџери, кои, како што велат, ги заплашуваат своите соученици во автобусот заканувајќи им се дека ќе ги лижат за да се заразат од корона.

Во врска со настаните во јавниот превоз, претставникот на Цивилната заштита на градот Задар, Мате Лукиќ, вели дека на почетокот на минатата недела добиле неколку пријави оти состојбата во автобусите е несоодветна и дека има голем метеж кога децата одат и се враќаат од училиште.

„Исто така, добивме извештаи дека тинејџерите сакаат да ги заплашуваат своите соученици. Морам да признам дека воведувањето ред во јавниот превоз беше малку предизвик. Би се осмелил да кажам дека ова е дури и еден од најголемите проблеми што ги имавме“, објаснува Лукиќ.

„Имавме проблеми и затоа што тие не носеа маски. Тие ги ставаат маските кога поминуваат покрај возачот, а потоа кога одат во задниот дел од автобусот, ги вадат“, вели Лукиќ.

Со цел да се воведе ред во градските автобуси, Цивилната заштита на градот Задар воведе вкупно шест патроли, односно 12 припадници на цивилната заштита, кои го регулираат метежот во јавните автобуси, пишува „Задарски.хр“.

На почеток
error: