Тринаесет години чекање, а GTA 6 веќе ги воодушеви критичарите
По долгогодишно исчекување, Grand Theft Auto 6 конечно пристигна, а првичните рецензии од светските медиуми се исполнети со пофалби. Критичарите ја издвојуваат извонредната графика, детално изработениот свет, длабоката приказна и главните ликови, оценувајќи ја како една од најимпресивните видеоигри досега.
Рецензентот на IGN, Лук Рајли, ја опишува играта како исклучително детална и со огромни можности за експериментирање. Позитивни оценки добива и приказната, додека дел од критичарите посебно го истакнуваат односот меѓу главните ликови Џејсон и Лусија, споредувајќи ги со познатиот криминален пар Бони и Клајд.
Дејството се одвива во измислената американска сојузна држава Леонида, инспирирана од Флорида, со Вајс Сити како главна локација, град моделиран според Мајами. Посебна новина е Лусија, првата жена главен лик со кој играчите можат да управуваат во тридимензионалниот свет на серијалот. Таа и Џејсон заедно се впуштаат во криминални активности и авантури.
Според проценките на аналитичарите, развојот на GTA 6 чинел повеќе од една милијарда долари, со што се вбројува меѓу најскапите проекти во историјата на индустријата за видеоигри. Објавувањето беше планирано за есента 2025 година, но датумот беше одложуван двапати, најпрво за мај, а потоа за ноември 2026 година.
Претходниот дел, GTA 5, е продаден во околу 235 милиони примероци и останува еден од најпродаваните наслови во историјата. Rockstar Games од неговата продажба заработи една милијарда долари во првите три дена од објавувањето.