Американецот Јустус Рид, кој редовно ги споделува своите искуства од животот во Хрватска на социјалните мрежи, се соочил со сериозни проблеми при реновирањето на куќата што ја купил во Хрватско Загорје за 25.000 евра.
Наместо очекуваното реновирање, Рид открил дека објектот е во толку лоша состојба што морал речиси целосно да го урне. Во ново видео ги покажа работите и откри дека оштетувањата биле многу посериозни отколку што првично очекувал.
„Најскапата куќа што некогаш сум ја купил денес ми донесе многу лоши вести. Ја платив 25.000 евра и тоа е најголемата поединечна инвестиција во мојот живот“, раскажа Рид на почетокот на видеото.
Тој објасни дека морал целосно да го урне горниот кат бидејќи бил изграден од материјали што содржеле азбест. Се надевал дека барем приземјето ќе може да го задржи, но набргу открил дека ниту тој дел од куќата не е безбеден.
„Погледнете го овој столб. Напукнат е по целата должина. Всушност, сите столбови што ја држеа терасата беа напукнати, а бетонската плоча што го формираше таванот на приземјето исто така беше целосно испукана и небезбедна“, објасни тој.
Рид потоа ангажирал компанија од Загреб специјализирана за сечење и дупчење бетон. По извршениот преглед било утврдено дека оштетената бетонска конструкција мора да биде отстранета.
Во видеото покажал како работниците со специјална пила ја сечат бетонската плоча, додека багер ги отстранува остатоците од ѕидовите. Како што напредувале работите, од куќата останувало сè помалку.
На крајот останале само три ѕида и темелите. Рид признал дека во еден момент сериозно размислувал да се откаже од целиот проект.
„Сакам да се откажам. Ова не требаше да се случи. Поради сето ова ќе изгубам многу повеќе време и пари отколку што можев да замислам. Дали навистина јас морам да бидам тој што ќе ја среди оваа куќа? Финансиски, ова сигурно нема да ми се исплати“, изјавил тој.
И покрај разочарувањето и дополнителните трошоци, Рид одлучил да не се откаже од проектот.
„Додека купот урнатини стануваше сè поголем, се потсетив каков човек сум. Јас не сум некој што се откажува. Животот не треба да биде лесен, бидејќи ако беше така, не би вредело да се живее. Имам доволно време и ќе ја обновам оваа куќа како што треба, без разлика колку ќе ме чини“, порача тој.
Објасни и зошто му е толку важно да ја обнови куќата стара повеќе од 50 години, иако е свесен дека инвестицијата можеби нема да му се исплати.
„Некогаш оваа куќа некому му значела многу, а кога дојде во мои раце, веќе не му значеше никому. Но, куќата е само градба. Она што ѝ дава вредност се луѓето што живеат во неа и спомените што ги создаваат. Сакам оваа куќа повторно некому да му значи“, рече Американецот.
На крајот откри дека уривањето е завршено и дека сега конечно може да започне вистинското реновирање.
„Сакам оваа куќа да стои уште најмалку 50 години. Овие три ѕида и темелите ќе останат на своето место. Од нив ќе продолжиме понатаму. Нема повеќе уривање. Вистинската обнова започнува сега“, заклучи Рид.