Денеска е ден на национална жалост во Либан за жртвите од големите експлозии што вчера разорија поголем дел од пристаништето во Бејрут и оштетија многу згради во либанската престолнина.
Според Црвениот крст, екипи на спасители се во потрага по околу 100 луѓе кои се исчезнати по експлозијата. Од пристаништето и околните разурнати улици, прекриени со остатоци од разурнати згради и превртени автомобили, и утрово се издига чад. Во текот на ноќта, либанската армија со хеликоптер се обидувала да ги изгасне пожарите во околината на експлозијата.
Либанскиот премиер Хасан Диаб изјави дека „неприфатливо е товарот на амониум нитрат, проценет на 2.750 тони, да се чува складиран шест години, без никаков надзор“, рече тој, додавајќи: „Ви ветувам дека оваа катастрофа нема да помине без одговорност. Одговорните ќе ја платат цената“, рече Диаб во телевизиското обраќање.
Во медиумите се појавија и снимки од дрон од ужастот на бејрутската Хирошима.
