Медиасет.мк

Медиасет

(Видео) Домче – дигитален дом за македонскиот јазик во дијаспората

Македонскиот јазик е темел на нашиот идентитет, а токму неговото зачувување кај најмладите во дијаспората е целта на новата апликација „Домче“ – прва дигитална платформа создадена специјално за македонски деца што растат надвор од татковината.Веб-верзијата на „Домче“ беше лансирана на 5 мај 2026 година, Денот на македонскиот јазик, со јасна порака – децата во Минхен, Чикаго, Сиднеј или Цирих… да не го заборават јазикот на своите родители, баби и дедовци. Наместо класично учење, „Домче“ нуди игри, приказни, брзозборки, сложувалки и интерактивни активности преку кои децата природно го учат македонскиот јазик и кирилицата.Кон крајот на мај, „Домче“ ќе биде достапно и како мобилна апликација на App Store и Google Play.Првите зборови што ги учат се „мама“ и „тато“, а содржината е прилагодена според нивото на секое дете – дали само разбира, малку зборува или веќе течно комуницира на македонски. Во апликацијата има 17 различни активности, инспирирани од македонската традиција, култура и семејни вредности.„Домче“ е создадено по истражување спроведено меѓу 374 семејства од дијаспората, кое покажало дека многу деца сè поретко го користат македонскиот јазик, а дел од нив чувствуваат и несигурност кога треба да зборуваат со роднините во Македонија.„Отворени сме за разговор со сите што се грижат за иднината на македонскиот јазик во дијаспората – родители, заедници, организации, институции. Слушаме повеќе отколку што бараме“, велат од „Домче“.Зад проектот стои тим од млади ентузијасти, поддржан од програмата „Имам идеја 3“ на Стартап Клуб Скопје. Само во првите два дена од лансирањето, повеќе од 100 семејства ја активирале апликацијата.Заинтересираните родители можат да се пријават преку официјалната страница www.domche.mk и да им овозможат на своите деца македонскиот јазик да остане жив дел од нивниот дом, без разлика колку далеку се од Македонија.Контакт-маил: [email protected]

На почеток
error: