Експлозијата во Бејрут, главниот град на Либан, е третата по сила во историјата, веднаш по нуклеарните бомби во Хиршима и Нагасаки, вели Кристофер Базби, британски експерт за ефекти на јонизирачко зрачење и научнен секретар на Европскиот комитет за ризици од радијација.
Гувернерот на Бејрут, Марван Абуд, веќе ја спореди експлозијата во пристаништето со експлозиите на нуклеарните бомби во јапонските градови во 1945 година. И по оваа експлозија, настана карактеристичната димна форма на печурка, која се случи и во Јапонија.
Базби, британски експерт, има и научна аргументација за таквата споредба. Во пристаништето во Бејрут експлодираа повеќе од 2.700 тони солкетер, хемиско соединение кое има слична експлозивна сила како и ТНТ.
Тоа значи дека експлозијата од 2.700 тони солкетер има слична сила на експлозија од 2,7 килотони ТНТ. Според неговата пресметка, експлозијата во Бејрут е трета по сила во историјата, веднаш по експлозијата на нуклеарните бомби во Хирошима и Нагасаки.
„Бомбата во Хирошима била со сила меѓу 10 и 12 килотони ТНТ. Според тоа, експлозијата во Либан имала третина од силата на бомбата од Хирошима“, вели Базби.
Тој објаснува дека печурката што се создала по експлозијата во Бејрут била слична на онаа што настанува по експлозија на нуклеарна бомба.
„Силниот ударен бран направи компресивен прстен во водената пареа, како што тоа е случај и со експлозија на нуклеарна бомба кога се детонира во близина на водна површина“, објаснува британскиот експерт.
Како што додава тој, експлозиите со слични хемиски елементи, како во Бејрут, се случувале и во минатото, но ниту една не била толку силна како оваа во Либан.
„Една таква слична експлозија настана во Тексас, исто така покрај пристаниште, а друга во Германија во дваесеттите години од 20 век во еден магацин. Но, ова во Бејрут е најголемата по Хирошима и Нагасаки“, заклучува британскиот експерт.