Изгледа дека многу најавуваната легализација на канабисот во Германија не успеа да го исполни едно од најголемите ветувања – искоренување на црниот пазар. Кога новиот закон беше објавен претходно оваа година, министерот за здравство Карл Лаутербах тврдеше дека тој ќе ги „оневозможи дилерите“ и ќе се бори против бандите кои продаваат поопасна марихуана, често „зачинета“ со нездрави материи.
Но, како што пренесува Политико, поради бирократијата, политичката неподготвеност и ЕУ, еден тип на луѓе профитирал од делумната легализација на марихуаната – локалниот трговец со трева. Имено, од 1 април возрасните можат да поседуваат до 25 грама канабис и да одгледуваат најмногу три растенија дома. Од јули, Германија дозволи „клубови за канабис“, каде што до 500 возрасни лица можат да станат членови и да добијат и одгледуваат канабис за сопствена употреба.
Но, иако е легално да се шета по улица со неколку грама марихуана во џеб, сè уште не е легално да се купува трева во Германија, оставајќи ја вратата ширум отворена за нелегалната трговија да ја пополни празнината на пазарот.