Кралот Чарлс Трети доживеа непријатен момент за време на посетата на Антигва, откако силен тропски дожд го затекна на свечена парада, а чадорот не му беше навреме донесен. Додека кралицата Камила веднаш се засолни, монархот остана изложен на поројниот дожд, а неговата реакција брзо се прошири на социјалните мрежи.
Инцидентот се случи на стадионот „Сер Вивијан Ричардс“, каде што кралската двојка присуствуваше на 45. парада по повод независноста на Антигва и Барбуда. Чарлс и Камила пристигнале нешто пред 18:30 часот по локално време, но кратко по заземањето на местата започнал силен дожд.
Камила, облечена во бел фустан, веднаш добила проѕирен чадор, додека кралот останал на подиумот без заштита. Според британските медиуми, видно изнервиран извикал: „Каде ми е чадорот?“
Неговиот придружник, мајорот Бен Ригби, набргу истрчал преку теренот за да му донесе мал црн чадор. Со него во рака, Чарлс ја извршил смотрата на почесната гарда, а дождот престанал по околу пет минути.
Кралот подоцна се обидел да ја ублажи непријатната ситуација со шега на сопствена сметка. Според „Мирор“, тој се пошегувал дека толку многу накиснал што „на панталоните ќе почнела да му расте поточарка“.
Снимката од настанот брзо се проширила на интернет, особено поради контрастот меѓу Камила, која навреме добила чадор, и кралот, кој морал да почека за својата заштита од дождот.